Советот на јавни обвинители за изјавата на Ленче Ристоска: Се изнесуваат ставови без конкретни докази.
Од Советот на јавни обвинители се лутат за изјавата која ја даде обвинителката Ленче Ристоска. Советот иницираше постапка до етичкиот совет за изјавата на oбвинителката Ристоска.
Таа на научна конференција изјави дека членови на Советот на јавни обвинители тргуваат со влијание. На денешната седница тие расправале за изјавата и донеле ваква одлука поради прекршување на член 10 од Етичкиот кодекс.
„Советот на јавни обвинители не врши казнување, бидејќи советот нема во надлежност ниту водење на дисциплински постапки, ниту постапка за прекршување на етичкиот кодекс“, вели претседателот Антонио Јолевски.
Додава дека само ја проверуваат тежината на изјавата, затоа што се споменува Советот и се изнесуваат ставови без конкретни докази.
Ристоска кажа дека Советот на јавни обвинители од формирањето во 2008 досега потфрлил во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.
„Јасно е дека Советот на јавни обвинители е извор на тргување со влијание, и сметам дека треба да се реформира. Владее клиентелистички однос за такви што лобираат за нивниот избор и не може да одговори на предизвиците со корупцијата и високиот криминал“, рече обвинителката.