Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден организираше две провокации кои ја иницираа војната во Украина, вели американскиот економист Џефри Сакс во напис за „Комон дримс“.
Како прв фактор што ја предизвика војната, Сакс ја посочи намерата на САД да го прошири НАТО во Украина и во Грузија за да ја опколи Русија во регионот на Црното Море.
„Друга причина е воспоставувањето русофобичен режим во Киев во февруари 2014 година. Пукањето во Украина почна со соборувањето на украинскиот претседател Виктор Јанукович пред девет години, а не во февруари 2022 година, како што не уверуваат американската влада, лидерите на НАТО и на Г-7“, истакна Сакс.
Според него, Белата куќа намерно ја прикрива улогата на САД во започнувањето на украинскиот конфликт за да не заврши конфликтот. Сакс додава дека само признавањето дека војната е предизвикана може да помогне да сфатиме како да ја запреме.
Како што наведува Сакс, администрацијата на Бајден има три причини да ја прикрие улогата на САД во провокацијата на Русија. Прво, признавањето дека конфликтот бил вештачки испровоциран би го потврдил фактот дека тој можел да се избегне, а САД не би морале да потрошат сто милијарди долари за поддршка на Украина.
Како втора причина, Сакс ја наведува неподготвеноста на Бајден да ја открие својата лична улога во соборувањето на Јанукович. Трето, ваквото признавање ќе ги принуди САД да седнат на преговарачка маса, што ќе ја уништи желбата за проширување на НАТО.
Сакс потсети дека без оглед на американските изјави за конфликтот што „не бил испровоциран“, Русија пред почетокот на воените дејствија повеќепати се обидела да го реши проблемот со дипломатски средства и била соочена со фактот дека Вашингтон нема желба да ги земе предвид интересите на Москва.
Сепак, како што истакнува Сакс, дипломатијата и денес останува единственото средство за решавање на украинскиот конфликт
„Клучот за мирот во Украина лежи во преговорите засновани на нејзината неутралност и непроширување на НАТО“, заклучи Сакс, додавајќи дека Русија повеќепати изразила подготвеност за преговори.
Сакс наведе и шест принципи кои треба да се следат при креирањето на планот за решавање на конфликтот – НАТО да се повлече од Украина, Советот за безбедност на ОН да даде гаранции за мировниот договор, неутралноста на Киев, ограничување на испораката на оружје за украинската армија, прецизен план за вклучување на Украина во ЕУ со неутрален статус според принципот на Австрија, како и повлекување на сите санкции од Брисел против Русија и воспоставување трговска размена.
„Во моментов не сме ни близуску до таков договор, но не е недостижен. Ваквиот план ќе им оди во прилог и на Брисел, Москва и на Киев. Јасно е дека таков мировен план не може да се постигне за кратко време, но сепак е можно со долгорочни преговори“, рече Сакс.
Тој претходно го отфрли мировниот план предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека не може да се спроведе бидејќи нема да придонесе за решавање на украинско-рускиот конфликт.
„Мировниот план на Зеленски е всушност план за пораз на Русија. Тој план се користи од чисто пропагандистички причини. „краина во моментов е најголемиот губитник, па режимот во Киев треба да биде тој што сака да постигне мир преку преговори“, рече тој.