Скопје

За Град Скопје воздухот е чист, па ги укинаа мерките против загадување

По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 µг/м3 и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината, Градот Скопје ги известува граѓаните дека денеска од 18 часот се укинуваат вонредните мерки меѓу кои e и бесплатниот јавен превоз, како и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 20 јануари 2019 година, објави прес службата на Град Скопје.

„Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.

И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.“ – се вели во сопштението на Град Скопје.

Покрај укинувањето на бесплатниот автобуски превоз ќе се укинат и двојно поскапите карти за паркинг во Скопје.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток