Свет

Јункер: Ако на Балканот му ја ускратиме шансата за ЕУ, таму многу скоро ќе има војна

„Ако, во крајно комплицираниот пејзаж на Европа, се појави впечаток дека не сме сериозни во нудењето ЕУ-членство на Западен Балкан, подоцна, а веројатно и порано, може таму да го видиме она што го видовме на Балканот во 1990-тите“, рече Јункер во говорот пред австрискиот парламент.

Јункер веќе минатиот декември рече дека проширувањето на Балканот е од витално значење за одржување на стабилноста во регионот и дека очекува Србија и Црна Гора да влезат во блокот до 2025 година.

Сепак, патот до полноправното членство во ЕУ за овие држави „сè уште е многу долг“, рече Јункер.
Иако некои од земјите постигнаа напредок, „тој напредок сѐ уште не е доволно голем“.

Тој посочи дека ЕУ може да им понуди на државите еден вид „економска област каде што делумно може да се однесуваат така како што на крај ќе се однесуваат како полноправни земји-членки“.

Јункер повтори дека не смета дека некоја од нив ќе постигне полноправно членство „пред 2025 година, па дури и тогаш тоа нема да биде брзо“.

„Треба да се осигуриме дека е сфатено дека сите гранични конфликти меѓу државите од Западен Балкан мора да се решат пред да може да се постигне членство“, рече тој.

Меѓу најитните прашања е статусот на Косово, вели Еурактив, кое еднострано прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград сè уште одбива да го признае.

Јункер беше во Виена за да присуствува на одбележувањето на стогодишнината од основањето на Република Австрија.

Поранешниот премиер на Луксембург го почна својот мандат како шеф на извршното тело на ЕУ најавувајќи дека нема да има понатамошно проширување на Унијата во неговиот мандат, потсетува Еурактив.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток