Коментари

Груевски: Никој од СДСМ не дошол кај мене да бара било што

Откако Зоран Димитровски, поранешен заменик министер од Демократскиот сојуз во емисија на Канал 5 кажа дека од СДСМ неодамна испратиле лица на средба со екс премиерот Никола Груевски, во Унгарија, со цел да му се нуди, како што вели амнестија нему и за негови блиски луѓе, во замена да се обезбедат пратеници за да поминат уставните измени во земјава, се јави Груевски со став.

Тој вели дека се работи за лажна вест и дека никој од СДСМ ништо не барал од него.

„Дознав дека деновиве на некој медиум имало изјава од поранешен заменик министер за локална самоуправа дека луѓе од СДСМ дошле кај мене во Будимпешта и барале поддршка за двотретинско мнозинство за промени на уставот, во замена за прекин на политичкиот прогон, и дека јас тоа сум го одбил. Ме известија и дека таа изјава станала вирална на социјалните мрежи. Иако ваквите лажни вести и шпекулации најчесто ги игнорирам бидејќи од различен тип ги има скоро секој ден, со оглед дека многу мои пријатели ме прашуваат дали е тоа точно, информирам дека никој од СДСМ не дошол кај мене да бара било што. Лажна вест! Штета што во Македонија не се случува ништо паметно, сериозно и убаво што би било тема за јавна дискусија, па лажните вести често поврзани и со моето име, се главно мени во јавниот дискурс и таквите стануваат вест за која со денови се дискутира“, пишува Груевски на социјалните мрежи.

На почеток