Богоев со цвеќе ја испрати директорката на Царина: Врвен приоритет ќе биде и борбата против шверцот и корупцијата
„Чест и задоволство, но исто така и голем предизвик е да се биде директор на Царинската управа.
На денешното примопредавање, преземајќи ја одговорноста од досегашната директорка Славица Кутиров и’ се заблагодарив за нејзиниот досегашен придонес во менаџирањето на управата и и’ посакувам успех во идните предизвици и понатамошната кариера.
Фокусот на Царинската управа ќе биде заштита на финансиските интереси на државата и општеството и силна поддршка на економскиот развој преку соработка со бизнис заедницата, олеснување при процедурите и дигитална трансформација со цел да бидеме водечка Царинска управа во регионот која ќе дава силна поддршка на локалната економија и ќе биде усогласена со стандардите на Европската Унија.
Дополнително, забрзување на процесите на иницијативата “Отворен Балкан“ со која се поврзуваме со Србија и Албанија за развој на нашите економии, за заеднички регионален и единствен пазар без ограничувања, без бариери, без граници и за негов долгорочен развој кој ќе донесе подобар живот за сите граѓани.
Врвен приоритет на моето работење ќе биде и борбата против шверцот и корупцијата преку интензивирана соработка со релевантните институции кои работат на оваа проблематика. Не смееме да дозволиме примери на можеби корумпирани индивидуалци да фрлат дамка на работењето на чесните професионалци во Царинската управа.“ објави тој на Фејсбук.