Небулозни се тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, вели Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски не е ниту оптимист ниту песимист за уставни измени. Тој себеси се гледа како реалист, според кого не може да има штета за нашиот идентитет доколку во Уставот внесеме уште шест етнички заедници. Во интервју за Фактор, претседателот Пендаровски изразува уверување дека ако опозицијата ги отфрли „небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, бројката од 80 пратеници не е недостижна“.
„Многу добро знам што содржи рамката и кои се позициите на двата спротивставени политички блока во однос на неа. Ако во нашиот Устав веќе 22 години имаме внесено седум народи и делови од народи, каква штета може да има за македонскиот народ и идентитет ако внесеме уште шест етнички заедници кои живеат тука. За жал, опозицијата реши да се грижи повеќе за својот рејтинг отколку за стратешките интереси на државата и само тоа е причината зошто е неизвесно дали ќе дојде до промената на Уставот“, вели Пендаровски.
Тој не се согласува со констатацијата дека опозицијата, но и некои довчерашни владини партнери или пратеници од власта нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат.
„Опозицијата направи промена од 180 степени во однос на сопствените тврдења во изминатите месеци и на лидерската средба од нивна страна не беше спомнат бугарскиот диктат, ниту дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни промени. На лидерската средба тие прифатија да влезат во Владата и да предводат пет ресори и изразија противење само за учество во Владата на најголемата партија на Албанците во Македонија. Ако продолжат да се држат до овој нов пристап, без споменување на небулозните тврдења дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, тогаш бројката од 80 пратеници не е недостижна“, смета Пендаровски.