Бугарско државјанство за 250 денари, фондацијата „Македонија“ повика на масовно вадење документи
Одлуката на македонското Министерство за правда во изводите од матичните книги на родени да се внесе нова графа за етничка припадност се претвори во шанса за македонските Бугари да дојдат до бугарски пасош за само 250 денари, колку што чини таксата за вадење извод. Фондацијата на Бугари во земјава „Македонија“ преку објава на Фејсбук ги повика Бугарите масовно да вадат вакви документи.
„Според новиот закон, можете да го ажурирате изводот на родените и да напишете националност: бугарска. Сега проверуваме дали ова ќе ви даде можност со сигурност да добиете бугарско државјанство, но треба да напишете бугарска припадност во изводот на родените и со сигурност да добиете бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло и самосвест. Вадете масовно вакви документи од С. Македонија, во кои ќе пишува националност бугарска. Чини 250 денари“, објави фондацијата.
Апелот до македонските Бугари фондацијата го поткрепува со законот кој што беше објавен во Службен весник пред една недела.
„Упатство за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матичните книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги“, пишува во законот.