Адвокатот Мефаиљ Арслани, кој го застапува обвинетиот координатор на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими на судењето за предметот на СЈО „Титаник 3“, бара јавно извинување од специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која денеска во судница кажа дека тој ѝ пренел закана до нејзиниот колега од СЈО Гаврил Бубевски. Во допис до медиумите, Арслани вели дека изнесените наводи од страна на обвинителката Фатиме Фетаи се невистинити и дека ниту тој, ниту неговиот кпиент му се заканувале директно или индиректно на обвинителот Бубевски.
„На денешното рочиште за предметот ’Титаник 3‘, во кој јас се јавувам во својство на бранител на еден од обвинетите, од страна на обвинителката Фатиме Фетаи, против мене беа изнесени небулозни тврдења, лаги кои укажуваат на едно непрофесионално постапување на обвинителката и потсмев во јавноста. Барам јавно извинување од обвинителката Фатиме Фетаи. Јас сум адвокат кој професионално ја обавува својата дејност. Моите клиенти и соработници никогаш не сум ги делел според нивната вероисповед, или ‘наши и ваши или каури’ како што посочува Фетаи. Мојот пристап и начин на работа е професионален за кое нешто е потврда мојот коректен однос со сите колеги и клиенти. Ниту јас, ниту мојот клиент сме се заканувале директно или индиректно на обвинителот Бубевски“, вели Арслани.