Коментари

Груевски: Никогаш немаме издадено концесија за комерцијално истражување или експлоатација на минерални суровини на планината Кожуф

Поранешниот премиер, Никола Груевски реагираше на изјавите на Стефан Богоев, за дадените концесии за рудници.

„1. Никогаш немаме издадено концесија за комерцијално истражување или експлоатација на минерални суровини на планината Кожуф. Нека покажат еден документ со кој е издадена концесија на Кожуф на некој приватен инвеститор ако такво нешто навистина постои.
Она што беше издадено е концесија за т.н. проспекциско истражување со цел да се направи геолошка карта на цела југоисточна Македонија, што е научен труд со кој може да се види каде и што има Македонија како рудно богаство и тоа не креира обврска на државата по завршувањето на тој процес да издаде концесија за комерцијални истражување или за експлоатација. Тоа што ние го направивме го прави и го има секоја држава и е една од основните задачи на секој геолошки завод. Технологиите во рударството се менуваат и има постојано иновации. Ако денес нема добра технологија можеби после 50 години ќе има, или можеби никогаш ќе нема, но државата мора да си знае со што располага под нејзината земја.
На таков начин на пример, Србија откри големи резерви на Литиум.
Лицето Ангел Наков кој денес објавил дека сме издале 22 концесии за рудници на Кожув, не го познавам лично, ниту пак ги знам причините зошто му пропаднал бизнисот со ски центарот Кожуф.
Знам само дека во подршка на тој проект со буџетски средства се финасираше изградба на пат, кој заради некои посериозни одрони или слично беше привремено вон функција.
Од она што се распрашав денес дознав дека пропаднатиот проект е резултат на низа погрешно донесени деловни одлуки и некомпетентност од страна на инвеститорот, по кој дошол во криза со банките кои му позајмиле пари, а дека наводните издадени концесии за рудници на планината Кожув му се изговор пред јавноста. Сепак тоа е комерцијална и приватана работа и нема да навлегувам во деталите на тоа.
Но, едно е сигурно лага: концесија за комерцијално истражување или експлоатација издадени на инвеститори за рудник на Кожув не е издадена.
2. Неточно е дека концесијата за рудникот Иловица е издадена во 2012 и 2013 година.
Издадена е во април 2006 година концесија за истражување, комерцијално истражување на многу позната меѓународна компанија, од страна на владата на СДСМ во тоа време. Разбрав дека сега веќе таа компанија не е во проектот, односно го продала на некоја друга.
Согласно Законот, одкако ќе се издаде таква концесија за истражување на компанија која инвестира во тоа истражување заради комерцијални цели, доколку инвеститорот при истражувањето во кое инвестира големи пари, пронајде руда и побара концесија за експлоатација, односно отворање на рудник, и доколку ја достави целокупната документација и потребни елаборати од реномирани и надлежни институции, владата е должна да му ја издаде таа концесија. Во спротивно ќе плаќа пенали по завршени меѓународни судења и арбитражи.
Според ова, клучниот момент е издадената концесија за истражување издадена во април 2006 година кога јас бев пратеник на партија во опозиција. Сѐ подоцна е неизбежна последица на концесијата за истражување издадена во 2006 година, имајќи во обзир дека искусниот инвеститор доследно ги следи правилата ги и обезбедува сите потребни документи и елаборати.
СДСМ и Ковачевски во денешната изјава манипулираат со неупатените граѓани во законите за издавање концесии за истражување и за експлоатација, или пак некој него го манипулира не кажувајќи му дека штом еднаш се издаде на приватен инвеститор концесија за истражување за некоја минерална суровина (руда), по завршеното истражување и вложените пари во тоа, доколку наодите се позитивни и инвеститорот побара концесија за експлоатација (отворање рудник)со целокупна документација и елаборати, владата веќе нема избор во постапката, односно изборот е да одговори позитивно или да заврши на суд, вклучително и меѓународен, по кој државата ќе плаќа огромни пенали. Уште повеќе што рудници со ваква технологија постојат и работат во земји членки на ЕУ. На пример еден таков постои на северот на Финска, земја со мошне високи еколошки стандарди и високо ниво на образование и демократија, во непосредна близина на познат зимски туристички центар, заради што во сезоната на скијање работниците се префрлаат во туристичкиот сектор и рудникот мирува со работа, а потоа се враќаат во рудникот и истиот работи.
Познато е дека вакви ситуации околу отворање на рудници се гледаат во многу други земји на Европа во кои разни добро платени НВО најчесто скриено од конкурентите на инвеститорот, го сензибилизираат и со платена кампања го преплашуваат населението со цел да се спречат инвестиции на конкурентни компании.
Тоа се мали пари за големите рударски магнати, а големи за оние кои ги примаат. Резултатот на тоа е што не може да се отвори ниту еден нов рудник, а старите отворени пред 40-50 или повеќе години со технологии од пред половина век не ни пречат ниту некој отворил прашање или води кампања за здравјето на луѓето кои живеат во нивна близина.
На тој бран пред 8-9 години, неспособна да ни конкурира со подобри идеи и проекти, се закачи и се заплетка СДСМ, која претходно самата ја издаде концесијата за истражување на инвеститорот, и еве веќе шест години незнае како да се отплетка од тоа, па бара излез во негирање на нивните сопствени одлуки и обид да ги прикаже како туѓи“, вели Груевски.

На почеток