Македонија

(Видео) Исмет Гури од ДУИ со лисици во суд

По неколку часа поминато во полициската станица во Кисела Вода, функционерот на ДУИ, Исмет Гури, со лисици е донесен во Кривичниот суд. Тој и останатите две лица кои се осомничени за даночна проневера, беа спроведени со три полициски возила и десетина полицајци. За нив се бара притвор.

„Добро е што сте дошле вие двајца“, им рече Гури на синот и уште еден роднина, кој стоеја пред влезот на судот, кога беше спроведен.

Во судот дојде и обвинителката Ивана Трајчева. Таа ја води истрагата во која вкупно 15 лица се опфатени, а се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување, перење пари. Обвинителството кажа дека се сомнева оти ако Гури остане на слобода, ќе влијае на сведоци, може да избега, да влијае на сведоци.

„Обвинителот, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје ќе му предложи определување на мерката притвор за тројца осомничени, а за другите ќе предложи други мерки за обезбедување присуство во текот на постапката“, велат од Обвинителството.

Судија на претходна постапка ќе одлучи дали барањето на вакви мерки е основано и ќе донесе решение дали истите треба да му бидат одредени на Гури и остантите осомничени. За дел од осомничените, меѓу кои е и синот на Гури, се бараат само мерки на претпазливост односно одземање на патна исправа и повремено пријавување во суд.

На почеток