Скопје

Вонредни еко патроли во Гази Баба, Стефковски бара од Град Скопје итно решавање на проблемот со депонијата Вардариште

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на својот фејсбук профил објави дека започнуваат вонредни еко патроли со цел спречување на загадувањето на воздухот и животната средина.

„Попладнево заедно со вработените од Секторот за инспекциски работи во општина Гази Баба и претставници на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба започнавме со вонредни теренски еколошки патроли.
Животот и здравјето на граѓаните немаат цена!
Компромис со кршењето на Законот, ниту сум правел ниту ќе правам!
Реакциите на граѓаните за загадување на амбиенталниот воздух како последица од недозволени дејствија на поединци се оправдани.
Поради тоа на утринскиот колегиум:
– Го задолжив Секторот за инспекциски работи почнувајќи од денес па во следниот период да спроведува теренски контроли секој ден во две смени.
– Испратив писмено барање до градот Скопје под чија директна надлежност е дивата депонија Вардариште за постапување на градските инспекциски служби во санкционирање на лицата кои вршат спалување на разни видови отпад.
Градот Скопје потребно е итно да преземе чекори за конечно решавање на проблемот со депонијата Вардариште, а до тој момент неопходно е нејзино физичко затварање, преку затварање на сите пристапни патишта , 24 часовна контрола од МВР и инспекцијата на Град Скопје.
Утврдени се неколку критични точки на кои несовесните граѓани го вршат спалувањето и на истите ќе има редовна контрола.
Општината во соработка со надлежни институции ќе го санкционира секој сторител на вакво или слично дело со кое го загрозува животот и здравјето на граѓаните“, вели Стефковски

На почеток