Коментари

Побарајте деблокирање на сметките блокирани од извршител пред 5 август 2013 година, Глигорова подели упатство

Побарајте деблокирање на сметките блокирани од извршител пред 5 август 2013 година, Глигорова подели упатство

Активистката Ана Глигорова ги повикува сите граѓани, жртви на извршителите, да поднесат барања за деблокирање на сметките доколку поминале десет години од решението од извршител или, пак, корекција на каматата кај оние од понов датум. Иако има отпор кај некои извршители, кои бараа насоки за постапување, Глигорова вели дека измените на Законот за извршувањето се во сила и деблокадите може да се реализираат.

dobivaj vesti na viber

„Сите граѓани што добиле решение од извршител со датум пред 5 август 2013 година во овој момент веќе имаат законска можност да побараат деблокирање на сметките оти извршувањето е застарено. Оние, пак, што сѐ уште исплаќаат долгови на извршител, но од добивањето на решението не поминале десет години, може да побараат корекција на камата. Таа не треба да го надмине износот на основниот долг. Кај многумина може веќе да е исплатен долгот и тие немаат никаква обврска, а кај другите значително ќе се намали сумата што треба да ја платат. Не може повеќе за казна од 1.000 денари да се плаќаат 10.000 денари. Со измените каматата не смее да надмине 1.000 денари“,  вели Глигорова, активистка од здруженијата „Човекот над профитот“, „Но пасаран“ и „Стоп за грабежот“, за „Макфакс“.

Глигорова вели дека барањата за застарување и за корекција на каматата нема потреба да се поднесуваат преку адвокати. Доволно е граѓаните да ги следат нејзините упатства и сами да ги пополнат барањата.

„Нема потреба граѓаните што имаат едноставни случаи да се изложуваат на дополнителни трошоци за адвокати за да поднесат барања за заостреност. За им излезам во пресрет, на мојата фејсбук-страница објавив детаљно упатство за пополнување на барањето. Доволно е да внимаваат, да го следат и сами да го поднесат. Ние имаме околу 180.000 блокирани сметки. Од нив околу 50.000 се сигурно веќе застарени. Има луѓе што отплаќаат долгови од 1992 година, цели триесет години се под блокади“, објаснува активистката Глигорова.

„Макфакс“ побара бројка на блокирани сметки во моментот, а праша и колку од нив се блокирани од извршители, но од Народната банка на Македонија објаснија дека точна бројка не е достапна оти состојбата се менува.

„Вкупниот број на блокирани трансакциски сметки е високоменлива категорија ако се земе предвид дека, на пример, еден правен субјект може да блокира наеднаш повеќе трансакциски сметки, како и дека еден имател може да располага со повеќе трансакциски сметки. Народната банка го објавува вкупниот број на блокирани трансакциски сметки, кој е достапен со состојба на крајот на март 2023 година“, велат од Народната банка за „Макфакс“.

Според објавата од март годинава, кога е објавен последниот пресек на блокирани сметки, во земјата има 243.999 блокирани сметки.

Застарувањето и корекцијата на каматите беа овозможени со измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи изгласани минатиот месец.

Макфакс

На почеток