Милошоски до Захариева: Хипокризија е да се говори за реалноста во дворот на соседите, а да не ја почитуваш реалноста во сопствената држава
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски ја искоментира изјавата на Захариева во која вели дека измената на Уставот на Република Северна Македонија не е голема работа оти Бугарите се дел од реалноста во Република Северна Македонија и тоа мора да се прифати.
„Поранешната министерка за надворешни работи на соседна Бугарија денес изјави дека Бугарите се дел од реалноста на Македонија и дека не е голема работа тоа да се преслика во Уставот, за да отпочнат преговорите со ЕУ.
Кога сме кај фактите, прашање е дали за Захариева се реалност десетината пресуди од Судот за човекови права во Стразбург, кои се однесуваат на оневозможување на правото на здружување на Македонците во Бугарија? Како членка на Советот на Европа ќе биде многу продуктивно за двете соседни држави доколку Бугарија реално ги почитува пресудите на овој пан-европска судска институција. Во спротивно, хипокризија е да се говори за реалноста во дворот на соседите, а да не ја почитуваш реалноста во сопствената држава.
А за уставните измени, европскиот принцип е секоја земја да одлучува самостојно за Уставот, како највисок правен акт, кој е заедничка општествена повелба на граѓаните во секоја држава. Но, за жал, за ваквите лекомислено преземени обврски не ни се толку криви претставниците на официјална Софија како Екатерина Захариева, Кирил Петков или Румен Радев. Шримарната кривица е кај Ковачевски, Бујар Османи, Маричиќ и другите политички главоклимачи, кои се надеваат дека нивниот мандат ќе трае ден подолго доколку тие дадат согласност на секој диктат што Македонија ќе ја доведе во потчинета положба. Токму затоа ова е убедливо најслабата владина екипа во последниве 30 години, која и носи повеќе штета отколку корист на Македонија“, вели Милошоски.