Коментари

Граѓаните сакаат правна држава, а не соништа за големи држави, вели Имер Селмани кој е поранешен претседателски кандидат

На граѓаните, Македонци и Албанци, поважни им е да живеат во правна држава, да имаат повисоки плати, подобар стандард, а не соништтата за големи држави, вели бизнисменот и поранешен претседателски кандидат Имер Селмани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Албанците сметаат дека се уште не се рамноправни. Бараат да се укинат 20 те проценти што е според Уставот, односно да пишува албански јазик и народ. Македонците се жалат дека станале граѓани од втор ред во општини каде владеат партиите на етничките Албанци. Колку, според вас, се успеа да се интегрира општеството 22 години по Охридскиот договор?

Имер Селмани: После 22 години можеме слободно да кажеме дека имаме, не само солиден прогрес, туку имаме многу добар прогрес којшто може да се оцени со највисоки оценки, според сите параметри во делот во изградбата на државата, градењето на институциите во смисла на еден мултиетнички концепт кој беше со Охридскиот рамковен договор и потоа и со уставните измени. Секогаш постои еволуција. Ниту Уставот на било која држава не е вечен, ниту законите се вечни, така што секогаш ќе има интенција за подобар напредок, за повеќе права. И Македонците имаат право да бараат повеќе права и Албанците имаат право секогаш да бараат повеќе права. Меѓутоа, кога живееме во една заедница тоа е исто како да живееш дома со деца и со сопруга и секогаш на крајот ќе бараш некој компромис. Така што и она што сега после 22 години имаме ситуација каде што еден добар дел од општеството е задоволен, меѓутоа имаме и незадоволни, дали се тоа индивидуи, поголем или помал процент, дали се тоа политичари, сепак е работа којшто ќе еволуира и понатаму и на крајот на денот кога сакаме да ја градиме државата и знаеме дека ова е наша заедничка држава, ќе дојдеме до одреден компромис со кој сите ќе бидеме задоволни. И Македонците коишто живеат во општини каде Албанците се во поголем процент, каде што имаме градоначалник Албанец, каде што имаме совет којшто е во мнозинство Албанци, сепак и тие имаат право за одредени незадоволства да го дигнат гласот и да бараат да се унапредат нивните права на локално ниво, како што и Албанците. Во најголем број Албанци денеска сметаат дека пред 22 години се знаеше дека се однесува на Албанците кога се потпишуваше Охридскиот рамковен договор за да се најде компромис. Меѓутоа, за да се најде некои компромис, во тоа време нели Охридскиот рамковен договор беше еден инструмент за запирање на воениот конфликт во тоа време, беше најдена формулацијата „20 проценти“ која што сите знаевме, и Македонците и Албанците, дека се однесува на Албанците. Сега, после 20 и кусур години, нормално е да се постави прашањето а зошто 20 проценти, кога тоа е формулација за тоа време и ги задоволувала тогашните околностите. Сега е време кога јасно треба да се каже на што се однесува 20 проценти. Така што и Албанците тука имаат право да си го постават легитимно на маса и да се бара решение.

Дали според Вас албанските партии на чии настани се вејат знамиња со Голема Албанија веруваат во тој проект, или тоа го прават надевајќи се на гласови со национализам?

Селмани: Мислам дека тоа беше изолиран случај и иконографија кој, еве јас како етнички Албанец, не преставува некоја порака кон мене, затоа што секој свесен и совесен граѓанин, не само на Република Македонија, туку и на Косово и на Албанија, знае дека ние сме земја членка на НАТО. Албанија е земја членка на НАТО. НАТО е во Косово, така што границите се недопирливи. Ние сите се стремиме и се бориме секој ден, направивме многу компромиси за да влеземе во големото европско семејство, влеговме во НАТО. Албанија прави големи реформи за исто така да влезе во големото семејство во Европа. Така што нашиот сон, на сите проевропски ориентирани граѓани, а мнозинството и тука и во Албанија и во Косово се проевропски ориентирани, сонот е да живееме во Европа. Тоа е иконографија којашто не му прави голема услуга ниту на тој што ги веел (знамињата), ниту таму каде што се веело, ниту на останатите. Такви знамиња ние сме виделе во минатото. Некој ќе извади знаме на голема Македонија или на некоја стара Македонија, на голема Албанија или на голема Србија. Веќе нема големо, има само една голема Европа. Светот е глобализиран и секој совесен граѓанин знае дека ние само во голема Европа можеме да живееме и таму ќе живееме.

На почеток