Свет

ЕУ започнува истрага за увоз на електрични возила од Кина

ЕУ започнува истрага за увоз на електрични возила од Кина

Европската Комисија започна истрага за да утврди дали треба да се воведат казнени тарифи за заштита на производителите на Европската унија од увоз на поевтини електрични возила од Кина, поддржани со владини субвенции.

dobivaj vesti na viber

Глобалните пазари денеска се преплавени со поевтини електрични автомобили, а нивната цена вештачки се одржува на ниско ниво благодарение на дарежливите владини субвенции, изјави вчера претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен во својот годишен говор за состојбата на Унијата, пренесуваат медиумите во регионот.

Комисијата има рок до 13 месеци да процени дали ќе воведе давачки повисоки од стандардните десет проценти за автомобилите. Истрагата опфаќа автомобили на батерии произведени во Кина, што значи дека вклучува и брендови како „Tesla“, „Renault“ и „BMW“.

Самата Европска комисија покренува истрага, забележува Ројтерс, потсетувајќи дека постапката обично започнува со жалба на производителот.

Кинеската стопанска комора при ЕУ, изрази загриженост и противење на покренувањето на истрагата, тврдејќи дека конкурентската предност на кинеските компании не почива на субвенциите. Тие, исто така, ја повикаа Комисијата да биде објективна во анализата на електричните возила од Кина.

Комисијата објави дека кинескиот удел на електрични возила што се продаваат во Европа се искачи на осум отсто и може да достигне 15 отсто во 2025 година, истакнувајќи дека нивните цени обично се 20 отсто пониски од моделите произведени во ЕУ.

makfax.com.mk

На почеток