Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска учествуваше на состанокот на контакт-групата за Украина, кој под водство на секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, се одржа во Рамштајн, Германија.
На состанокот, на кој учествуваа над 35 министри за одбрана и високи претставници на земјите членки на НАТО и партнерските земји, министерката Петровска порача дека Северна Македонија е одлучна во својата поддршка за Украина и украинските граѓани, кои се борат за својата сувереност и за независност.
„Северна Македонија е солидарна со Украина и нејзините граѓани. Министерството за одбрана продолжува да ја дава својата поддршка во согласност со одлуките на Владата и барањата од украинската страна. Во финална фаза се подготовките за реализацијата на обуката за украинските вооружени сили и сакам да нагласам дека разгледуваме дополнителни можности за обука во нашата земја во блиска иднина“, рече министерката.
Убедени сме дека нема алтернатива за континуираната поддршка за Украина, рече Петровска, и додаде дека почитувањето на принципите на меѓународниот правен поредок е императив, особено кога Европа е соочена со безбедносни закани. Само преку заеднички напори и одлучност за почитување на овие принципи можеме да имаме долготраен мир и стабилност, заклучи министерката.
Состанокот на украинската контакт-група го отворија секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров, и државната секретарка во германското министерство за одбрана, Зимтје Молер.
Контакт-групата ја сочинуваат над 50 земји, кои под водство на Соединетите Американски Држави ги координираат своите напори за помош и поддршка на Украина.
Макфакс