Македонија

Протест за скандалот на Онкологија: Измените во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, ако ние тоа не го дозволиме

Протест за скандалот на Онкологија: Измените во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, ако ние тоа не го дозволиме

Денеска во 18 часот пред Владата повторно ќе се одржи протест за скандалот на Клиниката за Онкологија.

Протестот од пред Владата ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство каде организаторите велат дека ќе побараат одговорност за сите инволвирани во скандалот со Онкологија, но и за обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство како што се претходните министри кои „влијаеле за заташкување на случаевите“.

„Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме. Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата“, велат организаторите на социјалните мрежи.

Нивните барања се: Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев; Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија; Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија; Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; Обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово; Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.

На почеток