Македонија

„Продуцент“ во историјата – слобода за Љупчо Димовски и Ивона Талевска со измените на Кривичен

Случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска замина во историјата. Измените на Кривичниот законик го застареа рокот на гонење, а судот ја прекина постапката.

„Јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење“, објави Коалицијата за правично судење.

Димовски беше обвинет за делото злоупотребата на службената положба и овластувања, а Талевска за помагање во истото дело, а во врска со склучување договор од околу 50 000 евра, без јавна набавка, од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со „Смарт центар“ за изработка на телевизиски прилози кои беа емитувани во емисијата „Боја на парите“ на ТВ Сител во 2009-2010 г., чиј водител беше Талевска.

Ова е единствената истрага на СЈО во која се гонеше Димовски. Од други предмети, тој беше еден од шестемина обвинети пратеници во случајот „27 април“, но и тој, како и другите петмина, беше помилуван.

Ивона Талевска, пак, беше опфатена и во предметот „Тифани“ на СЈО кој се однесуваше за даночно затајување. Таа таму призна вина и доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните четири години не стори нови кривично дело.

To Top