Македонија

Шест месеци со 78% поакечни плати, пред избори ќе носат закон – ни Ковачевски не знае како ќе се намалат

До следната недела треба да има работен материјал за законското решение за корекција на функционерските плати. Откако вчера е отворена дискусија во Владата, работна група од економските ресори треба да подготви издржано решение што нема да биде поништено од Уставниот суд, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Ова доаѓа по шест месеци откако владините функционери земаат плати повисоки за 78%.

„Не може да се каже кој ќе биде коефициентот за пресметка и дали решението е во коефициентот или во основицата. Се покажа дека основицата на двапати беше оспорена на Уставен суд и на двапати беше укинато едно такво решение како неуставно и неусогласеност со Уставот во однос на тоа дека се дерогира системот на плати. Затоа треба да се работи на решение кое што ќе биде издржливо. Кога зборуваме за коефициенти тогаш се работи за поголем број на коефициенти за различни носители на функции од различни области на управувањето со државата бидејќи имаат поделени надлежности – Собранието, Владата, обвинителството, судството и нормално локалната самоуправа. До идната недела очекуваме да имаме работен материјал“, посочи премиерот и додаде:

„Вчера е отворена дискусија во однос на тоа како би требало да изгледа тој модел. Во текот на наредните денови министрите ќе работат со цел да дојдат до решение што ќе мора да биде консултирано и од правен аспект дали е одржливо со оглед на тоа што сакаме да се постигне усогласување на платата на ниво што ќе биде поприфатливо, а истовремено ќе биде и одржливо. Министрите работат и штом ќе завршат, сметам дека во текот на наредната недела или две, ќе можат да излезат со решение што ќе може да биде презентирано на Влада, а подоцна и да биде пратено во собраниска процедура, рече Ковачевски.

Менувањето на коефицинетите доаѓа во период кога започнуваат предизборните кампањи во партиите, а по повод претседателските избори во април идната година.

На почеток