(Фото) Опасно и страшно во Ѓорче: Околу 600 тони опасен отпад пронајден во Орман
При редовна обиколка на територијата на Општина Ѓорче Петров од страна на Овластениот инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров, лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на територија на Општина Ѓорче Петров во количина од проценети околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово, троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, велат од Државен инспекторат за животна средина.
Тие додаваат: „Според затекнатата состојба на теренот и проценка за ризикот, Овластениот инспектор за животна средина по службена должност започна инспекциска постапка и при тоа издаде решение на ден 18.10.2023 година со кое им се наредува на сопствениците на земјиштето дислокација на опасниот отпад од катастарските парцели КП 247 КО Орман – с. Орман и КП 248/3 КО Орман – с. Орман на соодветна за тоа локација во рок од 30 дена од денот на приемот на решението“.
Ова отвара многу прашања: Од каде е таа згура? Кој ја складира? Каде е топилницата? Колку време се складира? До кој степен Лепенец е загаден со олово?. Засега, одговори нема.