Скопје

По осум часа од пукотниците: Штекли и придружникот се борат за живот, јавна потерница – нема

Осум часа по пукотниците во трговскиот центар „Ист гејт“, се уште не се знае идентитетот на лицето што го рани Раде Трајковски-Штекли и неговиот придружник. Од МВР објавија само фотографија со неговиот лик, а направена од снимките од безбедносните камери. Во делот на потерници на страницата на полицијата, досега не осамна потерница. Засега, не е познато ниту дали има дојави дека лицето е некаде затекнато.

Истовремено, Штекли и неговиот придружник се во животнозагрозувачка состојба. Со повеќе куршуми и во потешка состојба е лицето кое го придружувало, додека Штекли има исто така сериозни повреди и ноќта ќе ја помине во шок соба на КАРИЛ. Пред болницата „св. Наум Охридски“ каде на лекување е познаникот, но и на Клиниката „Мајка Тереза“ има силно полициско обезбедување.

„Скопје1“ објави детали за пукањето. Четири куршуми завршиле во Штекли, додека од шест до осум во неговиот придружник. Неофицијално, сами се возеле до болница. Има и снимка од моментот на пукањето, а се гледа како лице облечено во бел дуксер, се приближува кон ескалаторите во моментот кога двата таргети се симнуваат по ескалаторот и почнува да пука. Потоа продолжува да бега. Но, ова не било единственото место за пресметка, туку истата продолжила.

Ова е вторпат, во два месеци, Штекли да биде мета. Првиот пат, не беше повреден, бидејќи управувал со блиндирано возило. Тоа, се случи во гаражите на истиот трговски центар. Возилото со кое се превезувале лицата кои пукале беше пронајдено запалено кај езерото Треска.

Раде Трајковски-Штекли, неофицијално се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Тој беше екстрадиран по апсење во Србија и одлежа 6-месечна затворска казна во Шутка за друго дело. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.

Штекли беше уапсен во Атина (Грција) во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.

На почеток