Скопје

Жената која ја нападнала пејачката Ристеска задржана во полициска станица

Жената која ја нападнала пејачката Елена Ристеска во ноќниот клуб „Интермецо“ е задржана во полициска станица, дознава „Скопје1“. Полицијата работи на случајот, а пејачката кажа дека се подготвува и кривична пријава, што би значело постапување на обвинител, но и можно обвинение.

Тепањето на Ристеска се случи во саботата кон неделата, во текот на ноќта. Ристеска сведочи дека ја спасил нејзин пријател, па додава дека била нападната без причина. Побара и поддршка од медиумите.

„Чувствувам должност и почит спрема целата јавност и новинарите да ви се обратам околу натписите каде се споменува моето име. Да, точно е дека имаше обид за напад кон мене, но за истото е поднесена кривична пријава и очекувам од полицијата да го разреши случајот. Очекувам поддршка од сите вас бидејќи ова ми се случи без причина и повод. Не се грижете јас сум добра, ви благодарам на сите кои ми пишувате да изразите поддршка. После 21 година кариера, градење на име и реноме на пристојна и нескандалозна личност, ова за мене е нешто што мислам дека најмалку сум го заслужила и го гледам како обид да се извалка моето име. И покрај сето ова, јас продолжувам да пеам за моите фанови“, пишува Ристеска.

Ристеска била удрена и со тврд предмет при нападот. Карактерот на повредите, не го открива ниту таа.

To Top