Македонија

СДСМ е автомобил кој секој сака да го има, ВМРО-ДПМНЕ е автомобил од стиропол – Ковачевски убедува да се гласа за нив

Премиерот Димитар Ковачевски го нарече ВМРО-ДПМНЕ „кола од стиропор“, а пак СДСМ ја опиша како „кола која секој сака да ја има“, со цел да ги увери граѓаните дека тие ќе победат на изборите идната година. Ваквата споредба Ковачевски ја направи по теркот на новиот шеф на американската дипломатија за Европа, Џејмс О’Брајан кој кажа: „Ако велат – имам подобра понуда (за уставните измени, н.з.), но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив“.

Немаше конкретен одговор кога ќе се гласа за уставните измени и дали тоа ќе биде до крајот на годинава.

„Немаше забелешка на амандманите. Тие беа подготвени од врвни експерти. Помеѓу нив имаше и претставници на партиите, а немаше само од опозициската партија…“, објаснуваше Ковачевски кој не прецизираше датум за гласање и дали имаат мнозинство, како што претходно тврдеа.

Премиерот даде и одговор, од каде оптимизмот дека СДСМ ќе победи на следните избори, ако се имаат во предвид анкетите каде граѓаните даваат предност на ВМРО-ДПМНЕ.

„Оптимизмот на победа се темели врз основа на тоа што го направи СДСМ во мандатот кога доби честа и одговорноста да ја води Владата. Кога сме кај анкетите и во 2020 година водеше опозицијата и не ги доби изборите“, додаде Ковачевски.

На почеток