Избори 2024: Ќе се внимава на датумот да не биде кога и Рамазан и Велигден, техничка Влада нема да се укине
Техничката Влада нема да се укине, дециден е премиерот Димитар Ковачевски, кој смета дека нема такво расположение од поголем број од партиите. Според него, треба да има конструктивна средба за да има стабилни процеси во државата, а не нови блокади.
„Очекувам конструктивна лидерска средба со сите партии од Собранието. Сите кои учествуваат во натпреварот треба да имаат збор во натпреварот. Ова се први редовни парламентарни избори по 2006 година. Треба да се почитуваат верските празници. Во април и мај се Рамазан и Велигден, треба да биде определен датум кој ќе одговара на одржување на демократски избори и почитување на сите празници. Април или мај е периодот за кога треба да се спроведат изборите“, кажа Ковачевски.
Датумот на избори и измените на Изборниот законик се дел од темите кои треба да се усогласат со сите партии на лидерската средба.