(Видео) Прво ги заборавија иконите кои скапуваа по депоа, а вчера и обвинителката која прва ја биеше битката за враќање
Дваесетте икони од непроценлива вредност украдени од македонски цркви беа заборавени во македонските власти во Албанија. Албанските власти ги фатија крадците и во 2015 година ги осудија, а велат дека истовремено ги известиле и надлежните македонски институции за пронајдените икони, но од кај нас тие првпат биле побарани пет години подоцна, односно во 2020 година.
Токму ова беше дел од истражување на новинарите Кристијан Ландов и Маја Илиевска-Пачемска за „А1он“, кои преку јавен притисок бараа од властите да посветат внимание за културното наследство. Фактолошки, според новинарите, обид да ги врати иконите имала обвинителката Маја Конеска – која ниту еден од политичарите, ниту г.г. Стефан, не ја поканија на вчерашното фотографирање, ниту пак и кажаа благодарам.
Токму обвинителката Конеска учествувала во нивната идентификација кога крадците биле фатени. Албанските институции ја известиле дека е ненадлежна да ги бара иконите. Но нејзината борба не застанала тука. На секој семинар каде присуствувале и претставници на албанското обвинителство или тамошните власти, таа барала иконите да бидат вратени. Притисок правела и на домашните институции кои ги имаа заборавено иконите и не им беа приоритет.
Дел од иконите од непроценливо богатство се и оштетени. Албанските медиуми во неколку наврати изминатите години известуваа и дека иконите биле несоодветно транспортирани.
Освен црквите во Радожда, иконите во Албанија кои Македонија си ги заборави треба да бидат вратени во цркви во Буринец и во Селце од Струшкиот Регион и Ѓавато и Перово од Битолскиот Регион.