Тропање по маси и надвикување: Тензии на комисијата за избор на нов член на ДИК
Тензично е на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Нема договор дали ова место е резервирано за кандидат од власта или од опозицијата.
Претседателот и пратеник на Алтернатива, Африм Гаши, се закани дека ќе го бојкотираат работењето на Собранието доколку до 31 декември не биде изгласан нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија, Абдуш Демири.
Пратеничката од редовите на опозициските албански партии, Сафије Садики Шаини на седницата побара да не биде ставен на гласање предлогот за член на ДИК Зулфи Адили, кој е поддржан од Европската народна партија на Аријанит Хоџа.
Таа потенцира дека Талат Џафери се обидува да го саботира изборот. Посочи дека ова место во ДИК и припаѓа на албанската опозиција, на Алтернатива и БЕСА.
Членовите на Комисијата од опозициските албански партии и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ почнаа да тропаат по маси и бараат процедурално да се обратат.
По утврдувањето на кандидатот, тој треба да се гласа на седница на Собранието. Член на Државната изборна комисија се избира со двотретинско мнозинство или 80 пратенички гласови.
По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК.