Македонија

Судијката Оља Ристова, правдата за неизборот во Апелација ја бара во Врховниот суд

Судијката Оља Ристова, правдата за неизборот во Апелација ја бара во Врховниот суд. Иако прворангирана од Основниот кривичен суд, како суд со најголем обем на сложени предмети, но и добиени мнозинство гласови од Судскиот совет, не ја доби поддршката од бадентеровото мнозинство. Според нејзиниот адвокат, Владимир Туфегџиќ, жалбата која сега ја поднеле, ќе помогне и на сите идни кандидати. Смета дека одлуката на бадентеровото мнозинство, да не гласаат за Ристова, а да гласаат за полошо рангирани кандидати, треба да се образложи детално.

„Според мене, ова е жалба во која се бранат основни елементарни принципи, се брани достинството на судиската професија и функција. Со оваа жалба се брани принципот на еднаквост и рамноправност, не само на жалителот, туку на сите сегашни и идни кандидати за избор на судии. Едноставно, само тоа е начинот да се воспостави еден праведен ред и од таа причина сметам дека жалбениот совет на Врховниот суд има во основа улога, со својата одлука по оваа жалба да воспостави унифициран став, правила за идно постапување на членовите на Судскиот совет, за да во иднина нема ситуација да имаме било каков сомнеж за евентуални политички или бизнис влијанија и евентуална злоупотреба на механизмот на бадентеровото мнозинство“, кажа Туфегџиќ.

Тој смета дека Врховниот суд ќе мора да заземе став по однос на составот на бадентеровото мнозинство, бидејќи според Туфегџиќ, не е во духот со Уставот кој кажува дека бројот на тие членови е четири, а не пет.

„Како адвокат и човек припаѓам на помалата етничка заедница, смтам дека бадентеровото мнозинство не може на ваков начин без образложение да нанесува штета на кандидат од мнозинската заедница. Се стекнува впечаток и се извлекува логичен заклучок според начинот на гласање дека целта е елиминација, а не заштита на… Овој кандидат го доби потребното мнозинство на гласови од сите членови на Судскиот човек. Останаа должни членовите на бадентеровото мнозинство, што е тоа што кај нив превагнало да не укажат доверба на овој кандидат, а укажале доверба на кандидатите кои се далеку подолу рангирани и со помали бодови. На тоа се должни да одговорат“, додаде Туфегџиќ.

За постапката на избор на судии во скопска Апелација вчера реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“. Тие, како и Ристова, велат дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.

На почеток