Македонија

Контраверзниот избор на судија во Апелација остави дамка на Судски совет, судијката Ристова: Им преовладало субјективно размислување

Субјективитетот пред критериумите преовладал во Судски совет при изборот на судии во Апелација. Ова го смета судијката Оља Ристова, која доби гласови од Судскиот совет да биде второстепен судија, но не и од бадентеровото мнозинство кое даде поддршка на послабо рангиран кандидат. Според неа, употребени се истите критериуми, но за другиот кандидат биле ценети како клучни за изборот, а кај нејзе – не.

„Од одлуката на Судскиот совет, проценувам дека е искористено нивното дискреционо право и арбитрарност при одлучувањето. Тоа значи дека покрај квалитативните и квантитативните критериуми, предвидени во самата методологија и кои ги дале резултатите од конечната ранг листа, Судскиот совет при одлучувањето, кај членовите преовладало нивното субјективно размислување, на поединци и на тој начин го извршиле изборот“, посочува Ристова.

Таа правдата ја бара во Врховниот суд. Според неа, Судскиот совет нема соодветно образложение за одлуката која ја донел.

„Мислам дека тоа е така, бидејќи ако ја погледнете снимката и ги анализирате размислувањата на секој кандидат посебно, вие ќе видите дека кај кандидатот кој е избран, за кој немам ништо против, се употребени критериуми кои еднакво и јас ги имам. Кажано е дека е истакнат судија, со интегритет, многу професионален, па и предавал на школа за новинарите. Знаете и вие дека јас учествував на таа школа. Тоа е само еден дел кој би го кажала, каде субјективно се удвојувале делови од пријавите, за да едни бидат избрани, за штета на другите кандидати. Кога се гласаше за мене, немаше коментар од ниту еден од членовите на Судски совет, и покрај моите бројни активности, квалитетот и квантитетот кој го споменав и други активности надвор од судот каде сум активна“, додаде Ристова.

За постапката на избор на судии во скопска Апелација вчера реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“. Тие, како и Ристова, велат дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.

Судијката Оља Ристова, правдата за неизборот во Апелација ја бара во Врховниот суд

На почеток