Македонија

Вината што нема притвор за Беким Незири префрлена кај обвинителот, судиите се правда дека не добиле документи за да определат притвор

Судиите кои го оставија на слобода Беким Незири и тепачите кои влегоа во М-НАВ, вината за нивната одлука ја префрлаат кај Обвинителството. Преку соопштение, тврдат дека обвинителот не доставил документи за да тие навистина имаат простор да ги стават зад решетки осомничените во истрагата.

„Имено, неспорно е дека настан од кривично правен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица. Во конкретниот случај, според дадениот опис на преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не прозилегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт, или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“, велат од Кривичен суд.

Тие се повикуваат и на телевизиска изјава на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Потоа додаваат: „Имено од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај. Воедно мора да се има предвид дека според вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, како што и изјави директорот на Агенцијата – Томислав Тунтев“.

Според кривичен јавниот обвинител го згрешил делото за кое ги сомничи лицата.

„Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па заради тоа, се со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 04.01.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид. Воедно потребно е да се напомене дека, по добиената жалба од ОЈО Скопје за исречените мерки, дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката“, додава Кривичен суд.

To Top