Холандскиот амбасадор „удри“ по Ахмети за политичко влијание при разрешување на Беса Адеми, ДУИ возврати за да го одбрани
Амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, имал средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Се зборувало за владеењето на правото, но и за случувањата поврзани со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е на чекор до разрешување по постапката од Судскиот совет.
„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ целиот политички спектар. Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, пишува Холандската амбасада за средбата на Јан Коп со Ахмети.
На ова возврати ДУИ.
„Законот за ветинг за судиите, обвинителите и политичарите е подолго време во Собранието, но ЕУ првично имаше резерви во овој процес, повикувајќи се на примерот со Република Албанија. Што се однесува до Врховниот суд, Ахмети истакна дека во надлежност на Судскиот совет е да постапува според законите. Според извештаите, до денес имало повеќе дисциплински постапки и во нивна надлежност е да постапуваат согласно законот и без било каков внатрешен или надворешен притисок“, се вели во соопштението од ДУИ.