Македонија

Еден од пуканите се бори за живот, не се знае дали пукачите се приведени – медицинари од Клиниката во Тетово не се повредени

Двете лица во кои беше пукано пред Клиничкиот центар во Тетово се префрлени на лекување во скопските клиники. Станува збор за двајца браќа од селото Гајре. Едниот од нив е во покритична состојба. Дали лицата кои пукале се најдени и приведени – не е познато. Докторот Бобан Вучевски од Клиниката во Тетово кажа дека други повредени лица нема.

„Беше интервенирано од наша страна и со екипа од анестезија и реанимација префрлен е на скопските клиники. Кај вториот кој беше повреден, но во постабилна состојба, нашите торакални хирурзи поставија торакален дрен за да се стабилизира и исто така е префрлен во скопските клиники“, кажа Вучевски.

Пукањето се случило откако претходно имало караница помеѓу еден од браќата кој е ранет и осомничено лице. Непознато е поради која причина и како подоцна караницата ескалирала со пукање.

МВР до овој момент не информираше за приведени лица.

„Денеска околу 18 часот и 5 минути во СВР Тетово пријавено е дека пред влезот на Ургентен центар во тетовската Клиничка болница било пукано во две лица од тетовското село Гајре, кои се здобиле со прострелни рани. Служби на СВР Тетово и јавен обвинител се на лице место и се преземаат мерки за пронаоѓање на пет лица, кои се сомничат во врска со случајот. Инаку, на овој случај денеска, исто така, му претходела физичка пресметка помеѓу еден од ранетите и еден од осомничените за учество во пукањето. Се работи на расчистување на случајот“, кажаа од МВР, прашани за првични информации.

Крвава пресметка и пукање во Тетово – две лица погодени од куршуми, едното во тешка состојба

На почеток