Македонија

Земјотрес од 3,8 степени со епицентар во Преспа ги стресе и Ресен, Охрид, Струга, Битола и Кавадарци

Земјотрес ноќеска стресе неколку градови во државата. Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала, а бил почувствуван во Охрид, Струга, Ресен, Битола и Кавадарци

На триесетина минути по полноќ бил почувствуван земјотрес на повеќе места во Охридско-преспанскиот регион. Земјотресот бил со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот бил во подрачјето на Преспа.
Потресот бил почувствуван во Охрид, Струга и Ресен со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала, а во Битола, Кавадарци и околината со интензитет од III степени според истата скала.

,,Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва 12.01.2024 година во 00 часот и 32 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа 120 km јужно од Скопје, во епицентралното подрачје Преспа, со Рихтерова локална магнитуда ML3.8.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид, Струга и Ресен со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала, во Битола, Кавадарци и околината со интензитет од III степени според истата скала. Освен вознемиреност кај граѓаните, според првичните податоци, материјални штети не се пријавени”, стои во соопштението.

На почеток