Како ќе се одбележи Водици и на кои локации во Скопје и Охрид
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Центар на Скопје
Во главниот град крстот ќе се спушта во водите на Вардар од мостот кај ГТЦ, поради што МВР утрово информираше дека утро од 08.00 часот па до завршување на активностите, во центарот на град Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул.„Филип Втори Македонски“, на потег од крстосница со бул.„Гоце Делчев“ до крстосница со ул.„11 Октомври“, во двете насоки. Во општина Ѓорче Петров од 08.00 часот за сообраќај ќе бидат затворени улиците околу црквата Св. Петар и Павле а ќе биде затворен и локалниот пат во Лисиче во општина Аеродром поради прославата во истоимената црква.
ЈСП информираше дека утре најголемиот дел од автобусите ќе возат според неделен возен ред а жичарницата на водно ќе работи во вообичаеното работно време од 10 до 17 часот.
Ѓорче Петров
Осветување на водите во скопската Општина „Ѓорче Петров“ по повод Богојавление-Водици во петок на 19 јануари, традиционално ќе се одржи на две места, кога Чесниот крст ќе се положува во водите на реките Лепенец и Вардар. Како што информираат од Општина „Ѓорче Петров“, на реката Лепенец положување на Чесниот крст ќе се одржи во 11 часот кај последна 22-автобуска станица. На мостот во Хром, манифестацијата е од 12:00 часот.
Илинден
По повод претстојниот празник Богојавление, Водици, во организација на црквата Св. Константин и Елена во населба Илинден, ќе се одржи традиционалната манифестација за положување на светиот крст во водите на езерото кај хотелот „Белви“, на која главен покровител е Општина Илинден.
Се повикуваат сите граѓани на ден 19.01.2024, петок, со почеток во 12 часот, со својата масовност да го одбележиме овој голем ден за сите христијани.Сите заинтересирани учесници за манифестацијата, кои сакаат да го фатат крстот од водите, можат да се пријават во просториите на црквата Св. Константин и Елена во населба Илинден. За најсреќниот учесник кој ќе успее да го фати крстот, ќе се обезбедат пригодни награди и подароци – соопштуваат од Општина Илинден.
Гази Баба – ем Водици, ем „Пивтијада“
Со почеток во 13:00 часот, а по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици во организација на општина Гази Баба на плоштадот во Автокоманда по 14-ти пат ќе се оддржи традиционалната културна манифестација „Пивтијада 2024”.
Манифестацијата има културен, натпреварувачки и хуманитарен карактер.
Во културниот дел на манифестацијата учество ќе земат македонските музички ѕвезди Јордан Митев, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски и Даниела Темелковска.
Охрид
Во Охрид денеска ќе се одржува најмасовната верска манифестација – традиционалното положување на Чесниот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод православниот празник Богојавление – Водици. Чинот на осветувањето на езерските води и положувањето на Чесниот крст ќе биде во 10 часот кај Градското пристаниште. Пријавени се речиси илјада верници и тоа не само од Охрид и околните места, туку и од многу други градови од целата држава, поединци и од соседните земји.
Препораки
Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел за почитување на следните препораки:
Со оглед на ниската температура на водата во Охридското Езеро-(кај пристаништето околу 8 степени), релативно ниските температури на воздухот кои се најавуваат за 19.01.(околу 9 степени), силен југозападен ветар со брзина од околу 10 м/с, повикуваме на исклучително високо внимание, сериозност и претпазливост на оние кои ќе влегуваат во водите на Охридското Езеро
Да не влегуваат во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
Да не конзумираат алкохол пред влегување во вода, а да конзумираат топли безалкохолни напитоци-чај, алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот
Оние што ќе влегуваат во вода, во неа да се задржуваат кратко (не подолго од 3 мин). Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности
Да облечат обувки при влегување во вода
Да имаат сува и топла облека по излегување од вода.