Скопје

Фирмата која Данела ја казни за загадување, доби тендер од Град Скопје од 7,7 милиони евра

Град Скопје склучи договор во вредност од 7,7 милиони евра со фирмата „Бауер“ за изградба на клучка на булеварот Словенија на вкрстувањето со Качанички пат, пишува СДК.мк. Станува збор за втората фаза од проектот за изградба на клучка и булевар на потегот од Момин Поток до булеварот Словенија, со цел растоварување на сообраќајот во овој дел од градот.

На тендерот кој го распиша Градот имало четири понуди. Според податоците на сајтот на Бирото за јавни набавки, за изградба на оваа важна сообраќајница, покрај „Бауер“, понуди доставиле и градежните фирми „Гранит“, „Бетон“ и „Жикол“. Фирмата „Бауер“ е избрана бидејќи доставила најевтина понуда.

Станува збор за истата фирма која градоначалничката Данела Арсовска еден месец по стапување на функцијата, во декември 2021, ја казни со 88.000 евра за загадување на Скопје. Како што рекоа тогаш од кабинетот на Арсовска, фирмата „Бауер“ фрла ѓубре како подизведувач во градежните работи за изградба на станица за отпадни води во Ново Лисиче. Инспекторите на Градот фатиле камион на фирмата како истура ѓубре врз цевката, а врз неа не смее да има ништо.

На почеток