(Видео) Нема партиски вработувања, туку 300 работници помалку во ЈСП, тврди Арсовска и седна до синдикалците
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ги поддржа вработените од ЈСП кои ги оставија автобусите и претпријатието и излегоа на протест да бараат плата. Според неа, тезите на советниците дека има партиски вработувања се неточни, а ниту тезите дека ЈСП не е транспарентно како ги троши парите. Таа ги повика советниците да ги изгласаат советниците за да вработените во ЈСП земат плата.
„Како што можевте да видите во изминатите денови, од синдикатите на ЈСП имаше реакции, дека со неизгласување на одлуката за доделување на субвенции за ЈСП, средства кои се веќе одобрени и изгласани во буџетот, тие истите се тука со нас и јас им давам поддршка. Тие својата плата ја имаат одработено. Тие работат макотрпно, би сакала да поразговараме за тезите – зошто како советници не сте гласале за одлуката. Првото е транспарентноста и како се трошат парите од ЈСП – на кратко образложи директорот. Управниот и надзорниот одбор го излгасавте вие. Дека целосно и детално сте информирани е видно од извештаите за резултатите кои сте ги добиле“, кажа Арсовска.
За обвинувањата за превработеност, Арсовска посочува дека тоа не е точно.
„За илустрација, во 2022 година, има намалување од 150 вработени од претходната година, а во 2023 година има намалување за 300 вработени. Вработувањата не се зголемени“, додаде Арсовска.
Според неа, расчистени се тие кои не оделе на работа и нема никакви вработувања. Посочува и дека ваква криза може да има и во другите јавни претпријатија.
„Некој тука сака да креира ваква слика и во другите претпријатија, кои средства не се гласаат и за таа криза, одговорноста ќе ја носите вие на грб“, посочи Арсовска.