(Видео) Во времето на Коце, ЈСП функционираше со 150 милиони, а сега со 700 милиони не функционира – зошто?, прашува советничката Андоновска
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Марија Андоновска, смета дека во ЈСП се истураат пари, а нема квалитетен превоз, туку гужви и помалку линии. Таа направи споредба на мандатот на Данела Арсовска со мандатот на Коце Трајановски и праша како може ЈСП да не функционира со над 700 милиони субвенции, а можело со 150 милиони субвенции. Постави низа прашања до директорот на ЈСП, Крсте Петревски.
„Како во времето на Коце Трајановски со 150 милиони можеше да функционира, а сега со 700 милиони не може да функционира?! Ве прашуваме што е проблемот, кај се парите – велите ви дадовме извештаи. Да ви го читам извештајот, вие нема да го разберете, не пак граѓаните. Не можеме да ви даваме постојано средства оти не се наши. Треба да кажете како со помалку пари да функционира и да има постојано јавен градски превоз. Зошто да немаат луѓето автобуси, а имало со помалку средства? Се гужваат по автобуси, чекаат по 45 минути минимум“, вели Марија Андоновска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа побара извештај за финансиското работење на ЈСП.
„Овој совет има неколку одлуки, се однесуваат на продолжување на одредени автобуски линии, за воведување на автобуски линии, одлуките кои сме ги предложиле и се изгласани, до тука е наша одговорност. Понатака, вие, ЈСП и градоначалникот треба да ги реализирате. Зошто одлуките за минимум пет-шест автобуски линии кои се продолжени, не се направени? И зошто воведување на минимум две линии не е направено тоа. Ова Собрание има одлука со рок, каде бара детални информации за финансиското работење на претпријатието – ги немате доставено. Лага е дека сте доставиле извештаи. Не, сте ни доставиле штури извештаи, а не онакви какви што баравме како Собрание“, додаде Андоновска.