Скопје

Кој е внукот осомничен за убиството на бабата во Ново Лисиче: убиената имала и хематоми, починала поради давење

Граѓански и политички активист, твитерџија, невработен, кавгаџија на интернет, пред јавноста вели дека е хуманитарец. Вака со неколку зборa може да се опише профилот на 28-годишниот Борис С., кој се сомничи дека ја убил својата баба во Ново Лисиче. Станува збор за лице кое е познато за дел од јавноста. Имаше свои појавувања во неколку емисии, постојано активен на социјалните мрежи, но и мета на низа критики поради неговиот однос на „Твитер“ односно „Х“. За убиството на баба му, негирал вина и тврдел дека тоа ќе го докаже во постапката, а знаел за повредите кои ги имала.

Сомневања како е извршено убиството

Осомничениот Борис живеел со сега убиената баба. Во исказ пред обвинител не признал дека ја тепал баба му, ниту пак дека ја убил, дознава „Скопје1“. Според доказите со кои располагаат истражните органи, тој го направил тоа гушејќи ја и затворајќи ѝ ја устата, велат извори од истрагата за „Скопје1“. Со тоа настанало задушување. Сето ова се случувало во семејниот дом, стан во Ново Лисиче.

Обдукцијата, но и полицијата утврдила дека жената имала хематоми по главата, што на истрагата ѝ укажува дека смртта била насилна.

Внукот се брани

28-годишниот внук, осомничен за убиство, негирал дека ја малтретирал, тепал или убил бабата. „Скопје1“ дознава дека на распит кај обвинителот тврдел дека хематомите не настанале на 18 јануари, денот кога жената била убиена. Тој бил уверен дека тоа може и да го докаже.

Истовремено, осомничениот Борис точно знаел во кој предел на телото, сега убиената баба имала повреди. Тоа јасно го посочил пред истражните органи. Вината за хематомите ја префрлал на други лица.

Кој е осомничениот Борис

Во емисии се претставувал како хуманитарец, на „Фејсбук“ барал правда за родилката од Дебар која остана без органи, на „Твитер“ пишувал со скриено име „Арогантен666“ и го опишуваат како кавгаџија и лице кое навредувало кога нема аргументи.  Во емисија на РСЕ, снимена пред три години, тој е претставен и како човек кој се бори за промени.

Интернет архивите покажуваат дека бил и оратор, каде зборува за чест, достоинство. Во 2012 година има говор на тема политика и социјална стигма.

„…Општеството во кое ние денеска живееме е ужасно, затоа треба да најдете малку надеж длабоко во вас, разбудете се, борете се за својата иднина, најдете ја храброста во вас. Затоа што еден ден вие нема да бидете овде, бидејќи вашите најмили ќе бидат. Борете се за нив, во нивно име….“, вели тој дел од во ораторскиот говор од 2012 година.

За него биле снимани и интернет прилози.

„Имам 25 години сега, волонтирам веќе од 19 години по различни активности, во некои од нив сум бил и јас иницијатор. Основоположник сум на младинската иницијатива „Ние младите“. Дружбата, пријателствата, искреноста, во тешки моменти, во лесни моменти, во напнатост, во среќа, во радост, е максимално голема…. “, раскажува тој во прилогот снимен пред три години.

Во друга емисија, тој посочува дека е портпарол во Европски независен институт за човекови права и достоинство.

„Јас сум долгогодишен политички активист, ја работам мојата професија, амбиција ми е да ја спроведам правдата во нашиот Независен европски институт“, посочува во истата емисија.

Најсвежото гостување му е од пред два месеци, каде коментира политика и бара финансиска помош за лице на кое му претстои тешка операција. Зборува за неправдата во државата.

„Ќе има правда… Не сум политички коректен, знам да бидам безобразен…“, посочува во емисијата.

Мотив

Обвинителството без конкретни детали – кој бил мотивот за да ја убие 73-годишната жена.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. На 18 јануари, во семејниот дом во Ново Лисиче, при вршење семејно насилство, осомничениот со умисла ја лишил од живот својата баба. Според првичните сознанија, тој ја нападнал удирајќи ја по главата и вратот, а потоа ја задушил“, соопштија кратко од Обвинителството.

Осомничениот останува во 30-дневен притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

 

На почеток