УЈП не вратила 22 милиони евра на фирми – туку од нив бара да си го платат ДДВ-то кое веќе го наплатиле од комитенти
„Управата за јавни приходи нема вратено 22 милиони евра, ниту воопшто некогаш е вратен поврат на ДДВ кон овие компании“, велат од институцијата за фирмите Окитна, Хантонос и Хант Осој. Ова го укажуваат откако Наум Стоилковски излезе со тврдење дека на компаниите неосновано им е вратено ДДВ, за подоцна да се најдат на листата на ДДВ должници.
Од УЈП објаснуваат:
„Посочените даночни обврзници се основани во 2022 година, кои кон крајот на 2022 година извршиле промена на седиштето и на управувачката и сопственичката структура со тоа што како нови основачи/сопственици и управители се јавуваат странски државјани- од Р.Косово
Управата за јавни приходи по службена должност согласно анализа на даночните пријави за ДДВ, насочи контроли по основ на ДДВ за период од 2022 и дел од 2023 година и истите се спроведени согласно расположливите податоци од евиденцијата на Управа за јавни приходи и од доставените ДДВ-Пријави од страна на даночните обврзници.
Во текот на контролите, од МВР побарани се податоци за влез/излез и престојувалиште на управителите со број на патни исправи наведени во историјатот на промени во ЦР на РСМ. Од страна на МВР добиени се податоци дека и во двата случаи, како носители на патните исправи се јавуваат сосема други физички лици ( исто така државјани на Р.Косово), а не лицата чиј број на патна исправа е заведен во ЦР на РСМ при извршената промена односно нивното поставување за основачи/управители на правните лица. Даночните обврзници поднеле даночни пријави со даночно побарување – аконтации оставени за идни периоди, (а не барања за поврат како што е изнесено во јавноста) и Управата за јавни приходи нема извршено никаков поврат ниту пребивање со други даночни долгови од основањето на посочените компании.
Повторуваме: Не станува збор за барање за поврат туку за поднесени даночни пријави со даночно побарување – Аконтации оставени за идни периоди каде во текот на контролата поради несоработка од страна на даночните обврзници и недоставена документација за увид во веродостојноста на евидентираниот влезен данок со право на одбивка искажан во ДДВ пријавите, со контролите истите не се признаени и обврзниците се задолжени со износ на ДДВ кој треба да го платат.
АКТИКО/ОКИТНА од Струмица и ХАНТОНОС/ХАНТ ОСОЈ од Босилово се на листата на должници на УЈП врз основа на извршена надворешна контрола и утврден наод по основ на ДДВ.
Како што и претходно известивме, за констатациите утврдени со контролата ( сомнение за даночно казниво работење) известена е Управата за финансиска полиција, за преземање на натамошни дејствија согласно нивната законска надлежност.
Согласно Законот за даночна постапка имајќи го во предвид начелото за даночна тајна а со оглед на сензитивните податоци до кои доаѓа при вршење на контроли во одредени моменти на постапката Управата за јавни приходи не е во можност истите да ги споделува со јавноста но е во постојана соработка и координација со останатите надлежни институции и истражни органи.
Апелираме јавноста да не потпаѓа на изнесените изјави, и да ги следат само официјалните информации кои доаѓаат од страна на надлежните релевантни институции“.