Македонија

По пет години се чека правда за 16 загинати во несреќата кај Ласкарци – обвинетите и натаму не гледаат вина кај себе

По скоро пет години, во Кривичниот суд, денеска, ќе треба да се објави пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица, а 30 беа повредени. Судењата траеа долго, процесот се враќаше од почеток, а имаше и спорни и контрадикторни вештачења. Семејствата бараа правда за загинатите, протестираа, жестоко реагираа. Обвинетите не се чувствуваат и натаму виновни.

Најголемиот пресврт се случи во октомври минатата година, кога пензиониран вештак со лиценца во супервештачењето побива се што вештачеа професори од Машински и други факултети. Ова одеше во прилог на обвинетите кои докажуваа дека се невини. Битката во судница беше да се префрли цела одговорност на возачот, додека газдите на „Дурмо турс“ да бидат прогласени за невини.

Автобусот на „Дурмо турс“ бил неисправен, стои во обвинението, па се додава дека кочниците работеле само 29 проценти, тахографот бил местен да покажува помала брзина на движење, со црна лента биле залепени уредите кои покажувале повеќе неисправности на автобусот.

Според обвинителот кој го покрена обвинението базирано на вештачења, неисправноста, особено кочниците, довело до тоа возачот да изгуби контрола и да се случи несреќата.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

На почеток