Македонија

Ана Павловска-Данева, поранешен потпретседател и пратеник од СДСМ е предлог за нов уставен судија

Професорката по управно право, Ана Павловска-Данева, е новиот предлог на СДСМ за уставен судија. Овој предлог експресно беше ставен на денешната седница на Комисијата за прашања за избори и именувања.

Вчера претседателката на Комисијата без образложение и кој повлекол предлогот само соопшти дека предлогот за Љубомир Јовески е повлечен. Токму ова беше и денешната критика од ВМРО-ДПМНЕ.

„Без разлика што зборевме ние овде за Јовески, требаше СДСМ да каже два-три збора зошто го повлече вчера како предлог”, рече пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО- ДПМНЕ.

Тој побара гаранција, со изјава дадена на нотар, дека Павловска-Данева нема ништо повеќе со СДСМ.

Ана Павловска-Данева едно време беше дел од највисоките структури на СДСМ, беше пратеник и потпретседател на партијата во времето кога Бранко Црвенковски беше партиски претседател. По доаѓањето на Заев Павловска-Данева се дистанцираше од партиските активности и беше жесток критичар на потезите на СДСМ.

Поранешната партиска активност денес не беше проблем, за Данева како пто беше проблем за изборот на Цветанка Иванова за уставен судија. Објаснувањето на СДСМ тогаш беше дека имало реакции од меѓународниот фактор кој се противел на избор на човек со високи партиски функции. Иванова не беше потпретседател на партијата, туку пратеник.

Нејзиното име не ни беше јавно предложено а партиските кујни веќе проработија и ја брифираа јавноста.

На почеток