Свет

Потрошени милиони на гранати кои никогаш не пристигнале: Украинската служба за безбедност открила проневера при купување оружје

Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека открила корупциска шема во украинската армија при купување оружје во вкупна вредност од околу 40 милиони долари.

Голема измама во текот на воените набавки потврдена во украинското Министерство за одбрана ќе има големо влијание во земјата која се бори со руската инвазија која трае веќе две години, пренесува Ројтерс.

СБУ соопшти дека истрагата „открила службеници на украинското Министерство за одбрана и менаџери на снабдувачот со оружје Лавов Арсенал, кои присвоиле речиси 1,5 милијарди гривни во процесот на купување артилериска муниција“.

„Според наодите од истрагата, во проневера се вмешани поранешни и сегашни високи функционери на Министерството за одбрана и раководители на поврзани компании“, се вели во соопштението.

Од SBU изјавија дека во август 2022 година, компанијата Лавов Арсенал склучила договор за набавка на 100.000 минофрлачки гранати и дека исплатата била однапред извршена, а дел од средствата биле префрлени во странство.

Гранатите, меѓутоа, никогаш не биле доставени, а другиот дел од средствата потоа биле префрлени на други сметки во странство.

Борбата за искоренување на ендемската корупција останува главен проблем додека Украина се обидува да обезбеди членство во Европската унија, според Ројтерс.

На почеток