Македонија

Обвинителите „се судрија“, Незири ќари слобода – на судиите не им било јасно образложнието па го пуштиле од куќен притвор

Фото Телма

Обвинителот од скопското Обвинителство кој го гони Беким Незири од ДУИ за упадот во М-НАВ бил дециден дека осомничениот требало да остане во куќен притвор, истовремено, виш обвинител посочил дека треба да биде пуштен да се брани од слобода. Според обвинителот кој ја води истрагата против Незири, постои страв осомничениот да уништи траги, да влијае врз сведоци, а не е извршено ниту вештачењето на мобилниот, се прибираат докази. Сето ова за нивните колеги од повисокото Обвинителство не се факти за да Незири остане во куќен притвор.

Судиите Тања Милев, Ѓоко Ристов и Лирие Елези Ајрулау од Апелација не разбрале зошто се бара Незири да биде во притвор оти образложението и фактите од списите не биле исти.

„…Меѓутоа, по оцена на овој суд имајќи ги предвид жалбените наводи истакнати во жалбата на Основното јавно обвинителство С. против решението на Судијата на претходната постапка како и списите на предметот КПП.бр.9/24, утврди дека причините за донесување на обжаленото решение наведени во образложението на истото по однос на основите за определување на мерка куќен притвор, се нејасни и не кореспондираат со фактите кои произлегуваат од списите во предметот, во која насока е и дадениот предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје“, стои во решението на Апелација.

Па така, Вишото обвинителство, се согласило со Апелација дека нема реални факти Незири да избега.

„Воедно, видно од содржината на предлогот за определување на мерката притвор не произлегува дека во истиот се приложени докази или се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничениот, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучениците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело. Во таа насока, ниту во обжаленото решение со кое кривичниот совет при првостепениот суд определил мерка куќен притвор не се наведени образложени причини релевантни за донесување на одлуката за преиначување на решението на судијата на претходна постапка и определување на мерка куќен притвор“, стои во решението од Апелација.

Тројцата судии одлуката да го ослободат Незири го гледа како човек кој нема да избега туку ќе докажува невиност.

„Дотолку повеќе што се работи за семеен човек, татко на три деца, живее и престојува на позната адреса истиот е вработен, како и фактот дека не е доставен доказ по однос на осудуваноста на осомничениот, а воедно ниту во наредбата не се наведени ниту оштетените или одговорните лица и кои материјални докази треба да бидат преземени во текот на истражната постапка“, се додава во решението.

Незири е осомничен дека го овозможил влезот на тепачите во кругот на М-НАВ, со што бил загрозен воздушниот сообраќај, бидејќи упадот бил во зградата каде е контролата на летање. Еден контролор беше и физички нападнат, другите добија закани.

Ова дојде по прес-конференцијата на Синдикатот на котролори на летање, кои најавија повлекување од работните позиции бидејќи преку оглас имало обид за вработување на некомпетентни партиски кадри.

Претходно:

Беким од ДУИ не е во притвор оти не може да влијае на тепаниот, а никој не вршел притисок врз обвинителот, велат од Вишо обвинителство

На почеток