Македонија

Беким од ДУИ не е во притвор оти не може да влијае на тепаниот, а никој не вршел притисок врз обвинителот, велат од Вишо обвинителство

Беким Незири не може да влијае врз тепаниот контролор од М-НАВ, па затоа виш обвинител од Скопје му предложил на судот да го пушти од куќен притвор. Ова е оправдувањето кое го дава скопското Вишо обвинителство за „Скопје1“ по однос на мислењето Незири да остане само без пасош. Прашавме и како се сигурни дека Незири нема да го повтори делото, а со оглед дека тој се врати на работа во М-НАВ, на што скопскиот виш обвинител посочи дека Незири нема да го стори тоа оти во спротивно ќе оди во притвор.

„Оштетениот дал исказ пред јавниот обвинител со што се отстранува секаква можност за да се влијае врз него по однос на неговиот исказ“, велат од Вишото обвинителство за „Скопје1“.

Со оглед дека Незири е висок партиски човек на ДУИ, прашавме дали некој влијаел да се добие позитивно мислење со кое Апелација ќе го ослободи осомничениот.

„Никој не вршел притисок врз јавните обвинители од Вишото јавно обвинителство Скопје по однос на нивното мислење доставено до Апелациониот суд. Обвинителите, пред да ги донесат своите одлуки, реферираа за нив пред Вишиот јавен обвинител, кој е запознаен и согласен со одлуките“, велат од Вишото обвинителство за „Скопје1“.

Пред четири дена, Незири беше пуштен од притвор со одлука на Апелација.

„Судот, ценејќи ги доказите приложени кон доставениот предлог за определување на мерка притвор, а имајќи предвид дека единствен доказ кој се однесува на осомничените е потврдата за привремено одземени предмети како и наводите во изјавената жалба на ОЈО Скопје против Решението на судијата на претходна постапка и образложението на обжаленото решение, оцени дека во истите не се приложени докази ниту се истакнати факти и околности кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците, ниту се наведени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, а имајќи ги предвид личните прилики на осомничените и нивното однесување по сторување на кривичното дело за кое се сомничат“, велат од Апелација.

Незири е осомничен дека го овозможил влезот на тепачите во кругот на М-НАВ, со што бил загрозен воздушниот сообраќај, бидејќи упадот бил во зградата каде е контролата на летање. Еден контролор беше и физички нападнат, другите добија закани.

Ова дојде по прес-конференцијата на Синдикатот на котролори на летање, кои најавија повлекување од работните позиции бидејќи преку оглас имало обид за вработување на некомпетентни партиски кадри.

На почеток