Македонија

Сте виделе дека некој е казнет за злоупотреба на возило? Немаат страв, алармира Ивановска за користење службени канцеларии и автомобили за приватни потреби

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, во заминување, посочува дека вината за злоупотребите на канцеларии за партиски цели и автомобили за приватни потреби е во неказнивоста. Според неа, вина има и кај премиерот кој не отповикал ниту еден министер, што значи замижал на злоупотребите. Од 200 кривични приајви во 20 години излегле од ДКСК, а ниту една не стигнала до суд.

„Повеќепати досега сме кажале за злоупотреба на службени возила и за злоупотреба на канцеларии, кога држеле состаноци кои не се однесуваат на институцијата во која се држени – како што знаете и вие и ние, тие фунцкионери биле предупредувани. И резултатот е тој (нови злоупотреби) кој го гледаме. Што значи предупредувањата не се доволни, треба да се има поригорозни мерки“, рече Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Според неа, неказнивоста носи нови злоупотреби.

„За што сте виделе вие дека некој е казнет, за злоупотреба на возило? Немаат страв. Ние дадовме предлог, сите службени возила да бидат во една боја, на пример регистрациите да бидат обоени како таксистите. Но да бидат во една боја, за граѓаните да следат како се движат функционерите, дали се користат за службени цели или не. Таа активност не се спроведе, затоа што не сакаат да се знае како се злоупотребуваат возилата“, додаде таа.

Ивановска е децидна дека ако не се почитува еднаш изречена мерка за злоупотреба, треба да делува премиерот.

„Зошто премиерот не отповика некој министер кој злоупотребува? На тој начин се руши имиџот на Владата“, рече Ивановска.

На почеток