Свет

Косово од утре ќе го укине динарот, лут Вучиќ

Косовските власти потврдија дека од 1 февруари ќе почне да се применува регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК), која предвидува плаќања во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, со преоден рок за граѓаните да се прилагодат на регулативата.

Според претходното соопштение на ЦБК, единствена дозволена валута на Косово ќе биде еврото, кое го исклучува динарот од платежните трансакции.

Практично, оваа одлука значи забрана за употреба на динарот, официјалната валута на Србија, која досега се користеше во сите мнозински српски енклави на Косово.

Платниот систем на Србија продолжува да функционира во Косово дури и по војната во 1999 година во областите населени со доминантно српско население

Белград: Со оваа одлука властите во Приштина се обидуваат да го протераат српскиот народ од Косово

Во меѓувреме, Белград ги обвини властите во Приштина дека со оваа одлука се обидуваат да го откажат дијалогот и да го протераат српскиот народ од Косово, а претседателот Александар Вучиќ истакна дека е убеден дека меѓународната заедница нема да го дозволи тоа.

Тој побара од Европската унија и меѓународната заедница да извршат притисок врз Приштина да ја повлече одлуката, а во меѓувреме, во средата навечер се сретна со амбасадорите на земјите од Квинте – САД, Велика Британија, Италија, Германија и Франција. Но по таа средба беше најавено дека „најава нема да има“.

„Секој формален збор би бил излишен“, изјавија за медиумите од кабинетот на Вучиќ.

Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, пред тој состанок потврди дека примената на одлуката на ЦБК ќе започне во четврток на 1 февруари и дека никој, па ни меѓународните партнери на Косово, не ја доведуваат во прашање законитоста на таа одлука.

Тој пред новинарите во Приштина изјави дека ЦБК во соработка со Народната банка на Србија треба да најде соодветен механизам за периодот на транзиција.

Меѓународната заедница, пак, побара оваа одлука да се одложи со оценка дека може негативно да се одрази на српската заедница.

На почеток