Свет

Србија го враќа воениот рок, министерот за одбрана тврди дека тоа не е подготовка за војна

Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ денеска изјави дека по 13 години од прекинот на воениот рок, се изнесени аргументи за јавна расправа за укинување на таа суспензија, но дека тоа не значи „подготовка за војна“.

Вучевиќ за РТС изјави дека „враќањето на воениот рок не е поврзано со проблемите во Косово и Метохија“.

Тој рече дека секоја година армијата губи околу 60.000 војници од резервата поради старост, додека во исто време секоја година прима или регистрира околу 1.500 нови, професионални припадници.

Тој посочи дека доколку се врати задолжителната воена служба, српските вооружени сили ќе го задржат и својот стручен кадар.

Зборувајќи за најавата на властите во Приштина дека ќе ги укинат трансакциите за плаќање динари на Косово, Вучевиќ рече дека тоа е „напад врз економската безбедност“ и јасна порака до Србите дека „нема што да барате“ на Косово.

Тој рече дека Србија се бори за опстанок на Србите на Косово со зачувување на мирот.

„Сè друго освен дипломатски и политички дијалог не води кон она што не би сакале да го видиме. Подобро да се одржат 101 состанок и да се бараат политички решенија. Ќе слушнеме конкретни работи од претседателот на Републиката“, рече Вучевиќ.

Тој посочи дека „црвените линии“ за Косово останале исти, како и дека Србија ќе продолжи да учествува во дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ и САД.

Во наш национален интерес е да го зачуваме мирот“, рече Вучевиќ.

На почеток