Коментари

Пациентката Цаневска за Онкологија: институциите да го решат случајот без политичко профитерство, медиумите да објавуваат вистина без сензационализам

Пациентка на онкологија, познатата новинарка Катерина Цаневска, која се бори со подмолната болест, денеска упати молба до надлежните да го расчистат случајот со онкологија, но без политичко профитерство и да има терапија. Од колегите новинари побара вистина, но без сензационализам.
Еве што на ФБ напиша Цаневска:

„Посветено на нашата Кики која пред една година ја загуби битката со подмолниот рак, на сите болни, нивните најблиски и посветени медицински лица на Онкологија.

Чекор напред, два назад. Вака се движев утрово кон Клиниката за Онкологија по мојата редовна, неделна терапија. По случувањата, не знаев што ме чека, а во ходникот вообичаената гужва со повеќе загрижени лица со прашалници. И…по консултациите, некако прашалниците кај мене исчезнаа. Терапија има, се прима редовно, медицинскиот персонал врвен. Почна во моите вени да влегува течноста која има и отрови и ги убива здравите клетки, но и отрови за да го уништи она што го разјадува моето тело. Јас за жал долго чекав, не сакав хемо, не сакав никого да малтретирам. Не ја повторувајте мојата грешка, но затоа дајте ни шанса и надеж.
И додека ги гледам канилата, шишињата, ги молам сите, помогнете ни, ама искрено во оваа наша битка. Доста ни е нашата болка, стравот на најблиските, неизвесното утре.
Колеги новинари, сакам да верувам во вашата професионалност, ни треба само вистина, а не сензационализам, институциите без политичко профитерство да си ја завршат до крај одговорната задача, да не ги трауматизираат болните, секој се черечат и обележуваат сите медицински лица, државата да ја обезбеди целосната неопходна терапија, да не стрепат, ‘обележените’ со рак( некогаш така се чувствуваме, како да сме лепрозни, па некои го вртат погледот и сакаат да побегнат од нас, како да ќе ги заразиме) што ќе чујат и прочитаат, дали некој ќе си поигра или ќе имаме терапија.
Имам уште несработени работи, да отидам во САД, но овој пат во СФ, минатиот пат фрлив паричка што значи морам да се вратам во Рим, но и во Прага, Охрид…многу прошетки, пешачења, пливање, СПА центри, рибљи чорби, кафеани, маратонски телефонски тормозења, проекти и модерирања, ненапишани текстови и постови и она што го преживувам и кое некој сакаше да го злоупотреби да го средам и објавам.
Ракот е страшна болест, но секој квалитетен ден плус вреди.
Благодарност до посветените лекари, сестри и персонал, до моето семејство, блиски и вистински пријатели, шефот, колеги, познати.
До Маја која во секој момент од почетокот кога решив да не бегам од вистината и да почнам да се лекувам е со мене и чиј загрижен, но полн со надеж поглед и сега го гледам додека седи карши мене.
До Тино и Аника кои ми даваат сила да се борам за да уживам во секој момент со нив.
Благодарам и на оние кои глумеа пријателство и на првата кривина ме заборавија. И јас нив ги заборавив и полесно дишам.
Битката продолжува, јас имам и сила и желба, само барам човечност.“

На почеток