Свет

Блинкен побарал приватна средба со началникот на Генералштабот на израелската армија и добил неочекуван одговор од кабинетот на Нетанјаху

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен побара денеска при посетата на Израел приватно да се сретне со началникот на Генералштабот на израелската армија Херц Халеви, но кабинетот на премиерот ја отфрли таа идеја, пишува израелскиот печат.

Според соопштението на Стејт департментот, Блинкен треба да се сретне со Халеви во 12:15 часот, еден час по неговата средба со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Меѓутоа, според „Израел Хајом“, на ваквото „невообичаено барање дури и од Американците“ од кабинетот на Нетанјаху стигнал следниот одговор: „Средбата ќе се одржи како и обично, во рамките на средбата со премиерот“.

За време на претходните посети на Блинкен на Израел од почетокот на конфликтот со Хамас, неговите единствени средби со Халеви биле за време на состаноците со членовите на израелскиот воен кабинет, според The ​​Times of Israel.

Весникот оценува дека барањето за средба со Халеви „тет-а-тет“ сугерира дека Блинкен верува дека на тој начин би можел да добие поискрена анализа за моменталната состојба на војната без министрите во просторијата.

Како што се истакнува, Блинкен не треба да се сретне со министерот Бени Ганц, ниту со лидерот на опозицијата Јаир Лапид. Средбата на Блинкен со Халеви е една од четирите што Стејт департментот ги планираше за денеска.

Како што е наведено, тој ќе се сретне со Нетанјаху во 11:15 часот, потоа со Халеви еден час подоцна, со министерот за одбрана Јоав Галант во 13:30 часот и со претседателот Исак Херцог во 15 часот.

На почеток