„ДУИ во име на НАТО-фундаментализмот енергетски ќе ја поробат Македонија“ – пратениците на Левица се против штетните предлог закони за нови централи!
„За денешната собраниска седница, поднесени се четири предлог-закони во скратена постапка, кои се подеднакво погубни за енергетската независност на Македонија како владиниот проект за Чебрен. Подносител на овие закони е министерот од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, додека потписник е вицепремиерот Артан Груби“, вели Левица и додава:
Еден од предлог-законите се однесува на грчки „Митилинеос“, кој треба да гради когенеративна електрана во Гази Баба, за што ќе добие 50 милиони евра државна помош. Како што предупредуваат експертите, доколку биде усвоен ваквиот катастрофален закон, ЕСМ ќе биде обврзана да купува најмалку 85% од произведената електрична и топлинска енергија, по цени тројно повисоки од берзанските, затоа што никаде во договорот не е дефинирана цената на струјата. Со други зборови, профитот ќе завршува во странски држави, додека граѓаните ќе плаќаат тројно повисоки сметки!
Дополнително, државата е целосно оштетена со ваквиот договор, затоа што грчкиот инвеститор, после истекот на договорот од 30 години, не е обврзан да ја врати електраната во сопственост на државата. Грчкиот инвеститор ужива и низа привилегии, каде добива бесплатно земјиште од државата и цели десет години добивките од оваа когенеративна постројка нема да бидат подложни на нови даноци.
Државата нема да има никаков удел во оваа инвестиција, додека истата ја помага со 50 милиони евра државна помош. Јасна е тенденцијата на амнестираните криминалци од ДУИ со ваквите скандалозни енергетски проекти. Како што изјави Битиќи, намерата на власта е целосно да ја исклучи централата „ТЕТО”, затоа што е руска инвестиција – иако истата беше клучна за време на енергетската криза. Ваквиот чекор е директно загрозување на енергетскиот суверенитет на Македонија во име на туѓи геостратешки интереси! Заради ваквите НАТО-вазални политики, Македонија е на дното во однос на гасификацијата, а директна последица од тоа е енормната загаденост на воздухот поради греењето на мазут и дрвја.
Доколку политичкото крило на УЧК по секоја цена сака да ја докаже својата посветеност кон НАТО, ги повикуваме да се приклучат на фронтот во Украина – наместо цела држава да ја ставаат во заложништво на приватниот капитал поради туѓи апетити и интереси!